Home Занаети Публикација – Занаетите во Крива Паланка и Дупница

Публикација – Занаетите во Крива Паланка и Дупница

393 views
0

Во 2013 година ја сработев брошурата „Занаетите во Крива Паланка и Дупница“. Целта на издавањето на брошурата беше да се зачува споменот за традиционалните занаети, како и да се популаризираат истите и да се поттикне заживувањето на занаетчиството во регионот на Крива Паланка и на Дупница.

Брошурата е печатена во 1000 примероци, на три јазика: македонски, бугарски и англиски. Во неа се дава историски осврт на развојот, подемот и замирањето на определени занаети во периодот од XVII до првата половината на XX век, како и прилог за се уште активните занаетчии во Крива Паланка. Во Крива Паланка застапени се следниве занаети: чевларскиот, часовникарскиот, шивачкиот, стакларскиот, берберскиот, лимарскиот, налбатскиот, самарџискиот, влачарскиот и воденичарскиот занает, а исто така се изработуваат и народни инструменти и други ракотворби.

Интервјуирани се дваесет и шест занаетчии, при што се земени основните податоци за тоа како го научиле занаетот, од кого, колку време се занимаваат со истиот, како и информации за контакт на истите. Исто така, читателот ќе може да се запознае со интересни детали за некои од веќе замрените занаети како абаџискиот, кујунџискиот, бакарџискиот, срмаџискиот, грнчарскиот, кантарџискиот, јорганџискиот, коларскиот, кацарскиот и други занаети во градот Дупница и неговиот регион како и статистички податоци за развојот на занаетчиството во Крива Паланка кои би можеле да им послужат на учениците, студентите и на истражувачите при изготвувањето на нивните научни трудови.

Публикацијата „Занаетите во Крива Паланка и Дупница“ е во издание на Општина Крива Паланка преку проектот „Културното наследство – мост кон заедничката иднина“ кој е финансиран со помош на Европската унија преку ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

Автор на книгата сум јас, а изворот на фотографиите и графичкиот дизајн е на Ѓорѓи Костовски од Крива Паланка.