Home Историја „ПИВАРСКИ ЗБОР“ – ОФИЦИЈАЛЕН ГЛАСНИК НА СКОПСКАТА ПИВАРНИЦА

„ПИВАРСКИ ЗБОР“ – ОФИЦИЈАЛЕН ГЛАСНИК НА СКОПСКАТА ПИВАРНИЦА

328 views
0

За време на самоуправувањето, односно за време на социјализмот, Пивара Скопје го носела името „Фабрика за производство на пиво и слад – Скопје“. Тоа го дознаваме од специјализираниот весник на претпријатието, кој според податоците кои ни се на располагање, излегувал од 1967 до 1969 година. Весникот бил замислен како периодично гласило на пиварницата, месечник, кој ќе известува за тековните состојби во претпријатието. Првиот број излегол на 1 јануари 1967 година, под името „Скопска пиварница“, но веќе во вториот број, во февруари, го менува името во „Пиварски збор – весник на фабриката за производство на пиво и слад – Скопје“. Главен и одговорен уредник бил Јован Коколански, а членови на редакцискиот колегиум биле Станојчо Стаменковски, Иван Николовски и Љубе Зафировски.

Од содржинска гледна точка, во духот на времето кога работничките права се наоѓале во самиот центар на државната идеологија, „Пиварски збор“ пред сѐ, бил наменет за вработените во пиварницата, како средство за нивно информирање, но и мотивирање. Се обработувале теми како решавање на нивното станбено прашање и висината на личните доходи, за што биле објавувани нацрт-правилници, информации за специјализираните курсеви за квалификација и доквалификација, се пишувало за набавката на нови машини и подобрувањето на производствените капацитети, квалитетот на јачменот, се истакнувало дека квалитетот на пивото е основен услов за конкурентноста на крајниот производ на југословенскиот и меѓународниот пазар, а со тоа и за успешноста на претпријатието во целина.

Овековечен повеќедеценискиот момент на соработката помеѓу скопските Пивара и Стаклара „Пиварски збор“ бр.3, стр.1 (Скопје, март, 1967)

Покрај прашања од практична природа кои директно ги засегале вработените, се обработувале и теми од идеолошка природа. Весникот известувал за активностите на Основната организација на Сојузот на комунистите при Фабриката за производство на пиво и слад – Скопје, со поттикнувачки наслови како „Секој петти – комунист“, ги осудувал колонијализмот и империјализмот, вработените изразувале загриженост поради Виетнамската војна или дури и собирале помош за арапските земји, „жртви на империјалната агресија“. Се разбира, не се пропуштале ниту честитките за празниците како 1 мај – празникот на трудот и 8 март – денот на жената како и државните празници, проследени со пригодни текстови и најразлични забавни содржини.

Сепак, централен фокус на весникот бил производството на квалитетно пиво и изнаоѓањето начини како да се покрие целиот југословенски пазар, да се задоволи вкусот на странските туристи, но и да се излезе надвор од државните граници. Интересно е тоа што и покрај социјалистичкото општествено уредување, согласно државната политика, пиварницата била отворена за соработка со држави од двата блока. Биле набавувани машини и производствени линии од Западна Германија, но биле канети и пиварски експерти од Чехословачка, а на гости бил поканет и тогашниот главен директор на Софиската пиварница кој, како што пренесува „Пиварски збор“, за скопската пиварница и квалитетот на скопското пиво се изразил со најпофални зборови.

Насловната страна на првиот број на весникот „Пиварски збор“ од 1967 година

Покрај редовните соработници, весникот бил отворен за соработка и сугестии од своите читатели. Биле спроведувани анкети и пристигнувале писма од целата република. Читателите предлагале поинакви видови амбалажа, подобра реклама, производство на темно пиво, предлагале отворање на пивница во Скопје, или едноставно го фалеле квалитетот и дури лековитоста на скопското пиво. Како еден вид демонстрација на објективност, објавено е и писмо на читател кому што не му се допаѓа скопското пиво и смета дека југословенските пива генерално се со послаб квалитет во споредба со пивата во Западна Германија, Полска или Австрија. Секако, ова е одраз и на реперот за врвен квалитет и стремежот за негово достигнување. „Пиварски збор“ ја изразувал јасно зацртаната визија на компанијата како производител на пиво со врвен квалитет во светски рамки. Оти само едно е Скопско!

Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје АД.