Home Студија за Дебар Маало

Студија за Дебар Маало

Кон крајот на минатата година со тимот на ХАЕМУС изработивме обемна научно-истражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни. Фокусот на овој проект нарачан и поддржан од општина Центар беше Боемскиот кварт во Дебар Mаало, еден мал микрорегион во срцето на Скопје којшто поради специфичното „наследство“ кое може да се поврзе со минатото на градот, a општината има желба туристички да го спакува и да го промовира. Токму поради тоа насловот на трудот гласеше „Студија за Дебар Маало, нематеријално културно наследство – изработка на студија за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со акцент на првата половина на 20 век“.

Целта на проектот беше да се создаде и да се обликува приказна за јавноста која ќе биде основа за промовирање и популаризација на Боемскиот кварт (локацијата е сѐ уште дефинирана како Боемска 1 и Боемска 2), но и почеток на процесот за неговото втемелување како културна и туристичка атракција на Скопје. Оваа промоција во најголем дел се заснова на нематеријалното културно наследство вклучувајќи го совремието, но и обичаите, практиките, пијалаците, храната, традициите, облеката и музиката од пред 100-тина години, а во голем дел го инкорпорира и богатото материјалното наследство.

Во однос на методологијата, употребивме мултидисциплинарен приод со цел да се собере материјал кој го покрива историскиот период на Скопје од 1910-1940 година. Овој период е од клучно значење за развојот на Скопје, кога од провинциски град во европскиот дел на Отоманската империја, тој прераснал во современ европски град од другата страна на реката Вардар. Секако, со цел да се опфати поширокиот контекст во грубо земената историска рамка, беа вклучени поважните настани кои се случиле десет години пред и по наведениот период. Акцентот беше ставен на Дебар Маало, дел од центарот на Скопје, кој сè уште држи до некои свои традиции.

Во однос на техничките спецификации, а како дополнување на оригиналната научно-истражувачка студија, изработен е детален попис и опис на објекти од културно-историско значење коишто сѐ уште се наоѓаат во Дебар Маало, а кои исто така се и значајни како културно наследство на Република Македонија. За историскиот период 1910-1940 година, како дополнителен извор во студијата приложивме копии од следниот тип на оригинален архивски материјал:

 историски документи
 патни белешки
 црно-бели и фотографии во боја
 скенови од стари весници
 фотографии и цртежи на модели на облека
 разгледници
 поштенски марки
 стари мапи

Како прилог, студијата содржи:

– 20 оригинални интервјуа со локални жители на Дебар Маало
– рецепти за домашни оброци и пијалаци специфични за локалното подрачје и градот Скопје.
Студијата дополнително содржи и предлог за триплет (флаер), материјал кој е основа за промотивен каталог/брошура, листа и опис на 20 рецепти за готвење од традиционални македонски јадења со фотографии, но и материјали кои би послужиле како основа за „Туристички рути во Боемскиот кварт“.